ВИДЕО: „Џокерот“ Симеоне ги израдува наполитанците, Рома немоќна на „Марадона“

Фудбалерите на Наполи извојуваа уште една огромна победа во Серија А и средија уште еден тим од самиот врв на табелата. Во последниот денешен натпревар од 20. коло на италијанскиот шампионат, на „Диего Армандо Марадона“ падна Рома на Жозе Мурињо со резултат 2-1.

  • Извештај од натпреварот:

Со вечерашните три бода наполитанците ја вратија предноста од тринаесет бода во однос на второпласираниот Интер и го продолжуваат атакот на долгоочекуваната титула, по пауза од 33 години.

Херој на Наполи беше „џокерот“ на Спалети, Џовани Симеоне, кој по влегувањето во игра во 86. минута одлично се снајде во казнениот простор на римјаните и со прекрасен погодок донесе голема победа за својот тим. Претходно, Осимен на стартот на натпреварот стрелаше за 1-0, додека Стфан Ел Шарави израмни во 75. минута. Нашиот репрезентативец Ељиф Елмас започна од клупата за резерви и ги одигра последните дваесет минути.

Во следното коло Наполи ќе гостува кај Специја, додека Рома пред својата публика ќе се сретне со Емполи.