Факт е дека Интер во последното коло и во мечот со Сампдорија влегува со два бода помалку од лидерот Милан, но нам „неразурите“ ни делуваа како најсериозен претендент за тронот во текот на целата сезона. Тоа можеа да го материјализираат, долго време имаа адут во ракавот во форма на преостанатиот натпревар со Болоња, но тој тим одигра меч за својот тренер Синиша Михајловиќ, кој повторно се бори со леукемијата, и му го нанесе единствениот пораз во сите натпреварувања од крајот на февруари. Во меѓувреме, бранителот на титулата го освои Купот на Италија, откако во финалето беше подобар од Јувентус, а пресметката со опуштената Сампдорија ќе започне со исто толку стремеж за победа, колку и со надеж за грешка на соседот на гостувањето во Сасуоло.