ВИДЕО: Струга ТЉ со два пенали го „среди“ Шкупи за деби со победа на Дуро!

Екипата на Струга Трим Љум конечно ѝ се радува на првата победа во пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига. На дебито на новиот тренер Шпетим Дуро стружани го надиграа шампионот Шкупи (2-1) и во третата фаза од шампионатот влегуваат како лидери. 

  • Извештај од натпреварот:

Двете екипи на терен истрчаа со цел да ги освојат трите бода, па затоа уште од стартот на натпреварот актерите отворија со офанзивен фудбал и желба за брз погодок. Првата полушанса ја имаа домаќините, откако Бојку во деветтата минута биеше откосо на втора статива, но непрецизно. На спротивната страна пак Адетунџу на двапати се најде во гол-шанса, првиот пат од тешка позиција не ја зафати најдобро топката, додека во вториот обид имаше честа позиција, но уште еднаш потврди дека оваа сезона не игра во посакуваната форма.

По иницијативата на чаирчани, домаќините веднаш реагираа и донесоа радост на трибините. Се играше 21. минута, кога по една одлична тимска акција, Малески излезе сам пред Наумовски, кој направи прекршок и домаќините добија удар од единаесет метри. По двата промашени пенали на Ибраими против Македонија ЃП, одговорноста ја презеде капитенот Шабани, кој биеше прецизно и погоди за водство од 1-0. По отворањето на резултатот Струга Трим Љум очекувано се повлече на својата половина, но не му дозволи на Шкупи да се разигра и на полувреме се замина со минимална предност на есенскиот првак.

Во вториот дел очекувано, Шкупи беше тимот кој што диктираше темпо на теренот. Седлоски со неколку замени се обиде да внесе свежина во својот тим, но стружани одново покажаа одлична организираност и концентрација во фазата на одбрана и навремено ги стопираа сите налети на противникот.

Затоа, првата вистинска прилика во продолжението шампионот ја имаше од прекин. Во 70. минута Алварез се закани од слободен удар, биејќи за малку покрај домашниот гол, а десет минути подоцна чаирчани не реализираа двојна шанса. Дамфа шутираше во блокот, додека Ѓоргиев беше многу непрецизен, па така трите бода останаа во Струга. И кога се очекуваше крај на натпреварот и минимална победа на домаќините, Брдаровски го собори Ибраими во казнениот простор и Струга доби нов пенал. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше токму Ибраими, кој со својот шеснаесетти погодок против Шкупи во кариерата зголеми на 2-0. Но, тоа не беше сè на дербито во Струга, затоа што во 97. минута имаше трет пенал, но овој пат на спротивната страна. Прецизен од единаесет метри беше Алварез за конечни 2-1.

Во пресрет на третата фаза од шампионатот, Струга сè уште е лидер со 42 бода, четири повеќе од денешниот ривал. На третото место е Шкендија со 35 бода.