• Саше Љолес

Стандардниот стопер во одбраната на Интер, Алесандро Бастони, на својот инстаграм профил напиша дека дури сега започнува да сфаќа каков успех направил неговиот тим со елиминирањето Барселона од Лигата на шампионите.
Интер го елиминираше каталонскиот гигант со вкупни 7-6 и се пласираше во големото финале, а Бастони упати честитки за своите соиграчи, но го пофали и младиот Ламин Јамал, нарекувајќи го „чудовиште“.
„Дури сега почнувам да сфаќам што успеавме да направиме. Прикажавме масивен пристап и тоа на крајот ни се исплатеше, но највеќе ни помогна енергијата од навивачите. Им благодарам на моите соиграчи за духот, гладот и срцето што го оставија на теренот.
Да се борам заедно со вас е реализација на сите детски соништа. Огромна почит за нашите противници, покажаа неверојатна сила. Специјален поздрав за застрашувачки талентираното дете - Ламин Јамал, ти си вистинско чудовиште“, напиша Бастони.
Јамал навистина одигра феноменален двомеч против Интер и беше постојана закана за одбраната на италијанскиот тим. Младата ѕвезда имаше шанса да го реши победникот на реваншот во Милано, но пред него се појави Јан Зомер, кој го спаси Интер со неколку извонредни интервенции.
Фото/Foto: AFP