Алкараз го уништи Медведев и доби двојна премија - Мастерс титула и врв на АТП листата

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз го декласира Данил Медведев во финалето на Мастерсот во Индијан Велс со резултат 6-3, 6-2, по само 72 минути игра. Со овој триумф момчето од Мурсија се врати на врвот на АТП-листата, од кaдe го симна Новак Ѓоковиќ и со тоа ја започна 21. недела на чело на караванот.

Данил Медведев до овој дуел беше во голема победничка серија, ги освои турнирите во Ротердам, Доха и Дубаи, но вечерва не личеше на себе. Алкараз од самиот старт беше подобриот играч на теренот, го диктираше ритамот, создаваше поени со својата агресивна игра и го принудуваше ривалот на грешки. Тој доминираше низ оваа средба и по третпат, по Мајами и Мадрид, освои турнир од Мастерс-серијата 1.000.

Алкараз еднаш го одзеде сервисот на Медвеев во првиот и двапати во вториот сет и не им понуди задоволство на фановите да гледаат долг меч. На овој турнир, како и на наредниот во Мајами, не настапи Новак Ѓоковиќ заради забраната на Соединетите Американски Држави невакцинирани луѓе да влезат во границите на оваа земја.