Работнички пак загуби тесно и се прости од квалификациите за Европа купот

Кошаркарите на Работнички забележаа уште еден пораз во квалификациите за ФИБА Европа Купот и загубија од Донар Гронинген со резултат 65-62. Македонскиот тим се претстави во многу подобро светло и одигра храбро, но не успеа да ја затвори квалификациската група со барем една победа. 

Момчињата на тренерот Димитар Мираковски ја добија првата четвртина со 18-17, а во домашниот табор се појави надеж за утешен триумф во групата што се играше во нашиот главен град. Сепак, гостите ја добија втората четвртина и на полувремето водеа со 32-25. 

Гронинген на крајот од третата делница ја направи првата поголема разлика, а потоа водеше и со „плус десет“ 56-46. Работнички се обидувше да се врати во игра и беше мотивиран во последните десет минути. Скопскиот состав успеа да се врати на негатива од шест поени, 60-54, a потоа и на три поени разлика 60-57, но сепак не успеа да направи целосен пресврт. Работнички ја доби последната делница со 27-21, но сепак Гронинген успеа да слави со конечни 65-62. 

Најефикасен во редовите на македонскиот тим беше Американецот Трајс со 12 поени, додека во победничкиот состав најмногу се истакна Џон Мекс со 16 поени. Работнички со три порази ги затвора квалификациите за ФИБА Европа Купот, кој деновиве се одржуваше во СРЦ „Кале“ во Скопје.