ВИДЕО: Страшна повреда на Нејмар, Меси со „мајсторија“ го спаси ПСЖ од нов срам!

Фудбалерите на Пари Сен Жермен беа на праг одново да ги разочараат своите фанови. Ѕвездениот тим на Галтие по поразот од Монако во претходното коло, попладнево беше пред пораз и против Лил, но во самата завршница Мбапе и Меси се потрудија за пресврт и голема победа на ПСЖ од 4-3.

  • Извештај од натпреварот:

Но, „светците“ и искусниот стратег немаат многу причини за славје, затоа што во следниот период најверојатно ќе останат без еден од најдобрите поединци во тимот. Бразилскиот ас Нејмар на стартот на вториот дел се здоби со тешка повреда на глуждот и со носилка беше изнесен од теренот.

Доколку се испостави дека повредата е посериозна, тоа дефинитивно ќе биде голем хендикеп за парискиот гигант, кој во следниот период е пред неколку сериозни испити и дуели со Олимпик Марсеј, Нант и Баерн Минхен.

Што се однесува до средбата на „Паркот на принцовите“, домашните фудбалери отворија фуриозно и со два брзи гола. Гостинската мрежа прв ја стресе Мбапе во 11. минута, а веднаш потоа во листата на стрелците се запиша и Нејмар за 2-0.

Кон средината на полувремето Лил преку Диаките намали на 2-1, а на стартот од вториот дел со головите на Давид и Бамба шампионот од пред две сезони направи целосен пресврт и поведе со 2-3. Сепак, моќниот ПСЖ не се предаде и во 87. минута преку Мбапе израмни на 3-3, додека Лео Меси во судиското надополнување постигна мајсторски гол од слободен удар за конечни 4-3. 

Во следното коло ПСЖ игра уште едно дерби, овој пат со Олимпик Марсеј, додека Лил на свој терен ќе го пречека тимот на Брест.