• Иван Димовски

Во рамките на 24. коло на Првата македонска фудбалска лига, во саботната програма има четири натпревари, а само еден меч се игра утре.
Најпривлечен, барем пред стартот, се чини дуелот на Академија Пандев и Шкупи во Струмица. Шампионот со сигурност нема да мине лесно кај разиграниот ривал, па ако сака да победи ќе мора сериозно да се измачи. „Пандевци“ играат добро оваа пролет, загубија само во Тетово од Шкендија и главната цел е што побргу да се обезбеди опстанок. Од друга страна, Шкупи е во трка за нова титула, заостанува два бода зад Струга Трим Љум и практично секој бод е важен.
Лидерот на прволигашкото друштво гостува во Скопје кај екипата на Работнички. Стружани во минатото коло одиграа реми против Македонија Ѓорче Петров, па за нив е круцијално да се вратат на победите, бидејќи „чаирчани“ веќе се само чекор зад нив. Работнички пак е во серија од два порази во пресметките со водечките, а среќата посака по Шкендија и Шкупи, да се судрат и со Струга.
На останатите терени пролетниот хит Силекс гостува кај „фенерџијата“ Победа со амбиции за продолжение на добрата низа, додека во битката од средината на табелата ќе се судрат Тиквеш и Македонија Ѓорче Петров.
Сите натпревари се во терминот од 15:00 часот, додека утре играат Скопје и Шкендија.