Најдовски: Преку Купот сакаме Европа за крај на оваа не баш успешна сезона

Филип Најдовски е засилување за Вардар во завршниот дел од сезоната, откако по доаѓањето минатото лето имаше тешка повреда која конечно е зад него. Повратникот во таборот на „црвено-црните“ првпат беше стартер во реваншот од Куп-полуфиналето против Брера во Струмица (1-1). 

Овој резултат го одведе Вардар во финалето, а Најдовски не го криеше задоволството поради пласманот, но и кам-бекот на терените.

„По девет тешки месеци од доаѓањето во Вардар, конечно се најдов на теренот. Што се однесува до денешниот меч, иако имавме висока предност ние влеговме максимално концентрирани за да обезбедиме финале по долго време за Вардар. Се надевам дека ќе биде за нас еден добар мотив, за да го освоиме Купот и да се пласираме во Европа за крај на една не баш успешна сезона“, прокоментира Најдовски.

Вардар во борбата за трофејот во Купот на Македонија ќе се судри со екипата на Струга.