• Горан Упале
Во пресрет на големото дерби на Премиер лигата, меѓу Ливерпул и Манчестер Сити, менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп вели дека неговиот тим го очекува дуел со најдобриот тим во светот, кој го има најдобриот напаѓач на светот.
Клоп на прес-конференцијата изјави дека убедливата победа на „Ајброкс“ против Ренџерс секако го подобрила расположението, но и дека сè уште не знае кој од играчите всушност ќе ги има на располагање во недела.
„Ќе играме на „Енфилд“, со нашите фанови покрај нас, против најдобрата фудбалска екипа во светот и тоа е голем предизвик. Кога играте против најдобриот напаѓач во светот во моментов, она што го сакате е да се борите тој да добие што помалку топки. И тоа е она што ние ќе се обидеме. Но, логично, проблемот е ако го затворите Халанд со повеќе играчи, тогаш ќе го оставите отворен патот за другите играчи од светска класа, па тоа нема да ни го олесни многу животот. Наш проблем е и што сè уште не знаеме со кои фудбалери ќе исгрчаме на ова дерби“, изјави Клоп.
Клоп по дербито со Арсенал остана без офанзивецот Дијаз и дефанзивците Арнолд и Матип, а неизвесен е и настапот на левиот бек Робертсон. Дербито на „Енфилд“ се игра в недела, со почеток од 17:30 часот.