Дел Потрo го откажа настапот на Ролан Гарос за да се подготви за Вимблдон

Аргентинскиот тенисер Хуан Мартин Дел Потро го откажа своето учество на претстојниот Гренд слем Ролан Гарос. Причината за откажувањето не е повреда, туку по одлука со својот тим за што подобро подготвување за сезоната на трева. Дел Потро цели 11 месеци беше надвор од тениските терени поради операција на зглобот на левата рака.

„Со мојот тим одлучивме дека најпаметен потег е да ја започнеме подготовката за турнирите на трева. Листата на турнири сеуште ја немаме потврдено, но се надевам дека ќе настапан на што е можно повеќе. Им се извинувам на моите фанови во Франција, но ќе се видиме во 2017“, изјави Дел Потро со соопштение преку социјалните медиуми.

Аргентинецот на Ролан Гарос има запишано шест настапи, а најдобар пласман му е полуфиналето во 2009 година, кога загуби од Федерер, Последен пат во Франција настапи во 2012 година. 27- годишниот Дел Потро во кариерата има освоено и Гренд слем титула на УС Опен во 2009 година.