Дебитантки ќе се борат за трофејот кај дамите на Ролан Гарос

Руската тенисерка Анастасија Павличенкова и Барбора Крејчикова од Чешка ќе се борат за титулата на Грен Слем турнирот Ролан Гарос кој се игра во Париз, Франција, на земјена подлога. 

Чехинката во неизвесното полуфинале беше подобра од грчката тенисерка Марија Сакари по борба во три сета (7-5, 4-6, 9-7). Голема борба се водеше за секој поен во самата завршница, но на крај клучен брејк направи 25-годишната Крајчикова.

Анастасија Павличенкова ја заврши тениската бајка на Тамара Зиданшек од Словенија, совладувајќи ја со 2-0 во сетови (7-5, 6-3). Мечот траеше час и половина, а 32. тенисерка на ВТА-листата доста се помачи да победи, затоа што немаше сигурен сервис. За нејзина среќа и на ривалката не ѝ одеше сервисот, па на мечот паднаа дури девет брејка.

И за двете тенисерки ова ќе биде прво историско финале на еден Грен Слем во кариерите.