Светскиот шаховски шампион Магнус Карлсен ќе игра на ЕКК во Струга

По завршувањето на домашните шампионати, кон крајот на месецов Струга ќе биде домаќин на најелитниот шаховски турнир на стариот континент, кој оваа година ќе биде зачинет со присуството на најдобриот на светот, Магнус Карлсен.

Од 17 до 25 септември ќе се одржи 36-тото издание за мажи и 25-тото за жени на Европски клупски Куп (ЕКК) во шах (натпреварување како Лигата на шампионите во фудбал и ракомет). На овој турнир ќе се судрат најдобрите во Европа, а посебно внимание ќе привлече норвешкиот клуб Оферспил, затоа што во своите редови го има актуелниот светски шампион Карлсен. Најдобриот на светот учеството во Струга го потврди на својата официјална интернет страница.

Досега се пријавени 38 клуба во машка конкуренција, со 238 шахисти, од нив 79 велемајстори (ВМ), а во женска конкуренција девет клуба со 30 шахистки (седум ВМ).

Македонија ќе има четири свои претставници кај мажите: Алкалоид, кој е еден од фаворитите за трофејот, како и Гостивар, Прилеп и Гамбит Асеко. Кај дамите пак ќе се натпреваруваат Алкалоид, МШК Центар и Куманово.

Европски клупски Куп по третпат ќе се одржува во Македонија, откако претходни домаќини н најдобрите во Европа беа Охрид во 2009 година и Скопје во 2015 година.