Мамеѓаров избори реми против Карлсен, Алкалоид го победи Оферспил

Шаховскиот клуб Алкалоид ја запиша четвртата победа на овогодишниот Европски клупски куп кој се одржува во Струга.

Во петтото коло од Европскиот Клупски Куп, ШК Алкалоид се сретна со екипата Offerspill Chess Club, за која што на првата табла настапува Светскиот Шампион ВМ Магнус Карлсен. Мечот заврши со победа за Алкалоид од 5,5 – 0,5. Единствен кој успеа да спаси реми, по четири часовна борба беше Карлсен, кој водејќи ги црните фигури во партијата со  ВМ Мамедјаров, одигра сомнително продолжение во Кралево-индиска одбрана и многу рано се најде во послаба позиција, па скоро цела партија се бореше да не изгуби. До израз дојде неговото големо шаховско знаење и борбеност, па не дозволи Алкалоидовци да слават перфектна победа. На втората табла ВМ Даниил Дубов, се чини, без многу напор го надигра ВМ Ариан Тари.

Првата победа за Алкалоид ја донесе ВМ Јуриј Криворучко кој со белите фигури го изненади својот силен противник во отворањето и се здоби со опасен напад врз противничкиот крал. Црниот не се бранеше најпрецизно па мораше да капитулира во 27от потег. На четвртата табла ВМ Инаркиев Ернесто победи со црни фигури против норвешкиот репрезентативец ВМ Фроде Уркедал. Перфектниот руски велемајстор, одигра уште една одлична партија и по 5 одиграни кола има исто толку освоени поени. До овој момент Инаркиев игра со перформанс од импресивни 3259 поени. Следниот поен за ШК Алкалоид стигна од шестата табла каде што македонскиот репрезентативец Филип Панчевски во остра позиција најпрво го неутрализираше нападот на противникот, а потоа спроведе решавачки контра напад.  На петтата табла младиот руски велемајстор Александр Предке, позиционо без никаков ризик го надигра и победи својот послаб противник. По пет одиграни кола ШК Алкалоид има 8 освоени бодови и се наоѓа на делба на четвртото место. 

Во шестото коло Алкалоид ќе игра дерби меч против екипата на АВЕ Нови Бор од Чешка која е трет носител на турнирот. 

На две кола до крајот првото место го делат Медни Всадник, Нови Бор и Валенсија, а Алкалоид моментално стои на четвртата позиција.

Во женска конкуренција сите македонски екипи запишаа порази.