Поени за сите четири македонски клубови, нов лесен триумф на Карлсен

Одличен ден за македонските клубови на шаховскиот Европски клупски куп. Сите четири наши претставници извојуваа победи во Струга и ги продолжија одличните настапи на најквалитетното шаховско натпреварување на стариот континент.

Така, најдобро рангираниот клуб на овој турнир, Алкалоид, забележа убедлив триумф со само едно реми над словенечки Марибор (5,5-0,5). Од основниот состав во тимот на Алкалоид недостасуваше Шахријар Мамедјаров, па така на првата табла настапи ВМ Самуел Шанкланд. Играјќи со црните фигури превзема голем ризик и дојде во послаба позиција, сепак неговиот противник му понуди реми кое што Шанкланд го прифати. На останатите табли против послабите противници, лесни победи остварија ВМ Даниил Дубов против ИМ Шубељ Јан, а ВМ Ернесто Инаркиев против ФМ Скухала Јернеј ја оствари својата четврта победа, со што е единствен со 100% успешност во екипата. Одличниот резултат во мечот го комплетираа со победи ВМ Предке Александр против ФМ Бузети Јернер и ИМ Панчевски Филип против Братковиќ Шам. Најдолго се бореше ВМ Криворучко Јуриј кој играше против својот сонародник Украинецот ВМ Микхаљчишин Адриан. Водејќи ги црните фигури полека го надигра својот противник во Дамино – Индијска одбрана и без ризик успеа да стигне до целиот поен.

Победа извојува и Гамбит Асеко СЕЕ (16) со 3,5-2,5 над исландски Рејкјавик (22), додека нови поени собра и Прилеп, откако со 3,5-2,5 славеше над францускиот шампион Ансие.

Премиерна победа на овој собир запиша Гостивар, совладувајќи го исландски Викинг со 3,5-2,5.

Најдобриот шахист и актуелен светски шампион Норвежанецот Магнус Карлсен, по само 34 потези ја впиша втората победа во Струга и беше предводник на својата екипа до убедливиот триумф над шпански Андреу Патерна.