15-годишниот Индиец член на Прилеп најдобар шахист на ЕКК во Струга

Со победа на рускиот тим Медни Всадник заврши шаховскиот Европскиот клупски куп во Струга, кој беше одбележан со присуството на најдобриот шахист на светот, Магнус Карлсен.

Норвешкиот ас во пресрет на битката за светската титула пристигна покрај Охридското езеро и ја почувствува атмосферата од најпрестижниот шаховски турнир на стариот континент. Но, ЕКК донесе и нова ѕвезда на шаховската табла. 

15-годишниот индиски велемајстор Домарају Гукеш, кој ги бранеше боите на Прилеп, имаше блескаво издание на овој собир и заврши како најдобар од сите 277 шахисти, иако пред стартот на турнирот беше рангиран на 42. место.Тој ги одигра сите седум партии, сите на првата табла, без пораз, со три реми и четири победи. 

Неговиот клуб Прилеп собра осум бода и турнирот го заврши на 14. позиција. Од македонските екипи најуспешен беше Алкалоид кој застана на деветата позиција, Гамбит Скопје се пласира на 23., додека Гостивар заврши на 32. место.