ЖРК Шампион со триумф над Гевгелија ја отвори женската Суперлига

Екипата на ЖРК Шампион тргна победнички и со домашна победа над ЖРК Гевгелија (28-26) ја отвори женската ракометна Суперлига.

Избраничките на Чивлачки и Карбеска имаа одлично прво полувреме во кое ја контролираа играта и благодарение на залихата од првите 30 минути беше полесно да се игра во вториот дел од мечот во салата „26-ти април“.

Главната предност ЖРК Шампион ја стекна кога на почетокот го задржа ривалот на само два постигнати гола и се одлепи на 9-2. Гостинот цело време бркаше резултат, а најблиску што дојде до противникот беше два гола.

Анастасија Митова со седум и Јана Велигденова со пет гола беа најдобри кај победникот, додека кај ЖРК Гевгелија, Мери Гичева даде девет, а Михаела Митревска осум гола.