Живко Мукаетов одликуван со Орден за заслуги за Македонија!

Првиот човек на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, доби големо признание и е одликуван со Орден за заслуги за Македонија од страна на претседателот на државата, Стево Пендаровски.

47-годишниот Мукаетов, покрај долгогодишен претседател на РФМ и вложувач во спортот, важи за еден од најуспешните бизнисмени во државата, како генерален директор на фармацевтската компанија „Алкалоид“. Во указот потпишан од претседателот Пендаровски, се наведува дека орденот е доделен за континуитетот, иновативноста, визијата и беспрекорните професионални стандарди во современото корпоратовно управување во фармацевтската индустрија, за докажаниот квалитет во производството на брендовите кои се градени, одржувани и осовременувани со генерации наназад, за инвестицијата во новите технологии и во едукацијата и експертизата на кадрите кои ги создаваат брендовите, како и за неговата филантропска култура и широка општествена одговорност.

Покрај Живко Муакетов, орден за заслуги постхумно добија и Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов и Ремзи Несими. Орденот за заслуги за Македонија е четврто по важност државно одличје и е одличие за заслуги на политичко-социјален, но и културен живот, како и други планови.

Одлуките за одликување на четворицата личности кои дале голем придонес за Македонија се објавени во Службен весник бр. 164, издаден на 19 јули 2021 година.