Вујо: Сè уште не ја знам вистинската сила на Вардар, но Елверум можеме да го победиме

Македонскиот ракометен шампион, Вардар, „летна“ за Норвешка, каде што ќе ја отвори новата сезона во Лигата на шампионите. Противник на вардарци ќе биде тимот на Елверум, против кого се сретна и во минатата сезона и запиша победа и реми на двата натпревари во Скопје. 

Новиот стратег на „црвено-црните“, Веселин Вујовиќ вели дека не ја знае вистинската сила на својот тим, но смета дека Елверум е екипа која што може да се победи.

„Патуваме за Норвешка каде исто така треба да ги испочитуваме сите ковид протоколи, а потоа и да играме со екипа која мислиме дека можеме да ја победиме. Јас сè уште не ја знам вистинската сила на мојот тим. Неиграњето на завршниот турнир во СЕХА лигата и два силни натпревари против европски екипи не ми даваат показател за тимот. Особено што утре нема да ги имаме ниту Кудуз, ниту Гурбиндо кои сезонава веќе играа на неколку натпревари. Едниот поради повреда, другиот поради некои други причини. Тука се браќата Њокас, кои сепак ќе имаат само еден тренинг и не знам ни во каква физичка кондиција се. Се среќаваме со екипа што игра врвен ракомет и како и сите нордиски екипи, играат модерно, доста трчаат, имаат креативни играчи. Ќе биде тежок натпревар. Би било добра првиот чекор во Лигата на шампионите да го почнеме со победа. Но, во овој момент навистина не можам да кажам дека Вардар е фаворит на овој натпревар, иако имаме свои адути и свои шанси и ќе дадеме максимум да го добиеме натпреварот во Норвешка“, рече Вујовиќ.

На утрешниот натпревар, кој се игра од 18:45 часот, Вујовиќ нема да може да смета на повредениот Кудуз и „незадоволниот“ Гурбиндо, како и на првата „единица“ Борко Ристовски.