Веспрем го закова Флензбург на дното, четврти пораз по ред за Пасквал

Екипата на Веспрем продолжи да победува во Лигата на шампионите и на домашен терен славеше над Флензбург (28-23) со што се врати меѓу најдобрите екипи во групата Б од ракометната елита.

Унгарскиот вицепрвак кој е без Дејан Манасков поради повреда не виде мака со бундеслигашот. Во првото полувреме Веспрем одигра дуел со ефикасен напад и уште подобра одбрана, затоа што прими само осум гола во мрежата и веќе беше јасно дека Флензбург нема што да бара на оваа средба.

Првото крило Мануел Штрлек беше најдобар стрелец кај Веспрем со седум гола, пред Јахја со четири, додека Ненадиќ и Маргуч имаа по три реализации, а кај Флензбург, Ајнарсон даде пет, а Менсинг имаше четири гола.

Мотор Запорожје со гол во финишот беше подобар од Динамо Букурешт (28-27). Двата тима одиграа еден возбудлив дуел, со хепи-енд за домашните со погодок на триесетина секунди пред финишот. Динамо на Чави Пасквал имаше напад за реми, но не го искористи, па го доживеа четвртиот пораз по ред во Лигата на шампионите.

Пуховски беше прв стрелец со пет гола, пред Хориха, Денисов и Маласинскас со по четири, додека кај Динамо Букурешт, Јонеа даде седум, Негру имаше четири, а Сориандо и Гурбиндо стрелаа по трипати.