Вардар размислува да не се жали и да ја прифати казната од ЕХФ

Иако пред неколку дена во официјалното соопштение на клубот најави тужба во највисоките инстанци против одлуката на Европската ракометна федерација (ЕХФ), претседателот на Вардар 1961, Михајло Михајловски денес направи чекор назад. Имено, на 40-минутната средба со новинарите 75-годишниот претседател на македонскиот шампион ја објасни ситуацијата. 

РК Вардар 1961 е во дилема дали да депонира тужба на одлуката, најмногу заради можните консеквенци за следните изданија на евро-куповите. Според Михајловски постои ризик, дури и ако го добие случајот, Вардар 1961 да остане без европските натпревари следната сезона. Таков ризик веројатно секако постои, бидејќи ЕХФ уште не означило крај на случајот и веројатно тоа ќе го стори кога Вардар 1961 ќе ги депонира сите пари кои ги должи, а колку е тоа никој не знае, со оглед на новите тужби кои пристигнале од одредени ракометари.

Можност за одлука на евентуална тужба на Арбитражниот суд во Лозана (ТАС) постои за триесет дена, но веројатно Михајловски ќе ги повлече аргументите кои ги имаат клупските адвокати и ќе ја прифати казната од Виена.

Хаосот околу Вардар 1961 ги плаши навивачите и од евентуална домашна суспензија, како во случајот на Металург, но Михајловски уверува дека нема да дојде до такво сценарио.