Трајковиќ и Божиновска комбинираа 29 гола, убедлив старт на ЖРК Металург

Екипата на ЖРК Металург со убедлива победа над ЖРК Овче Поле (41-21) ја отвори новата сезона во Женската ракометна Суперлига и му се приклучи на ЖРК Шампион кој исто така имаше победнички старт.

Тимот од Автокоманда не виде мака пред своите гледачи. Гостинот од Свети Николе играше рамноправен натпревар до резултат 7-7, но потоа следеше „црна дупка“ во која фаворитот замина на 15-7 и оттогаш па се до крајот ја имаше под контрола ситуацијата.

Мила Трајковиќ имаше блескав натпревар со 17 постигнати гола, пред Ива Божиновска со 11 гола, додека кај гостинот, Елена Стојанова постигна осум, пред Анастасија Сентовска со вкупно пет реализации.

Шампионатот на Македонија сезонава е израмнет и тешко може да се прогнозира која екипа ќе го преземе тронот на кој седи Ѓорче Петров.