Стојановиќ: Лигата е многу квалитетна, но ќе одиме на победа во секој меч

Екипата на Охрид тргна со триумф во првото коло, а веднаш во второто ги чека „езерското дерби“ против Струга. Пресметката на ривалите од крај Охридското езеро ќе се одигра в четврток, а тренерот Раде Стојановиќ за „OhridNews“ го изнесе своето мислење. 

„Борбата и жарта беше тука, можеби и малку беше чудно тоа што  после година и половина играме пред публика, благодарам до сите што дојдоа, и посакувам на наредните натпревари да дојдат и во поголем број. Поддршка на трибините имавме и од „Рибарите“. Во второто полувреме се виде разликата во квалитет кој е на наша страна.

Ова првенство по мене е најквалитетно во изминатите години затоа што го знаеме потенцијалот на Вардар и Еурофарм. Мора да се оди на победа на секој натпревар, бодовите се важни бидејќи наша крајна цел е плеј-офот. Доколку се пласираме на повисоко место сега, тоа може да биде олеснителна околност за плеј-офот, но не сакаме да брзаме како минатата година, сега одиме чекор по чекор“, вели Стојановиќ.

Охрид одново има конкурентна екипа, со која се очекува напад на високите позиции во Суперлигата на Македонија. Неколку години наназад, охриѓани имаат респектабилни претстави во регуларниот дел од сезоната, но потоа во плеј-офот често потфрлаат. Сепак, Стојановиќ е веќе долго со тимот и се очекува воиграноста да биде адут повеќе оваа сезона.

Дербито меѓу Струга и Охрид е закажано за в четврток со почеток од 19:00 часот.