Солидна партија на Кузмановски, Хановер рутински слави над Балинген

Македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски поради ситна повреда го пропушти дуелот со Флензбург во претходното коло во Бундеслигата, но вечерва се врати во стројот на Хановер и одигра солидна партија во победа над Балинген (31-27).

Средниот бек на нашата селекција одлично ја искористи пружената шанса и реализира три погодоци од четири обиди, а зад своето име запиша и една асистенција. 

Хановер пред две кола и математички го обезбеди опстанокот во германската елита, но тоа не влијаеше вечерва да одигра квалитетна партија и да ја запише единаесеттата овосезонска победа.

Екипата на Вецлар забележа пораз во незгоден момент и драстично ги намали шансите за пласман на меѓународна сцена идната сезона. Тимот на Филип Миркуловски на свој терен загуби од Ерланген со 26-30 и остана на два бода заостанување во однос на Гепинген, кој е на петтата позиција. Сега веќе поранешниот македонски репрезентативец не успеа да се запише во листата на стрелците.