Смиљаниќ го напушти Тиквеш и потпиша за словенечка Добова

Суперлигашот Тиквеш најави драстични промени во играчкиот кадар за својата втора сезона во македонското елитно друштво. Имено, клубот сезонава ќе го води Ристо Магдинчев, кој доаѓа на местото на Горан Андоновски.

Играчкиот кадар ќе биде видно изменет, бидејќи голем дел од странците не се договорија за продолжување на соработката, туку се во потрага по нови средини.

Десниот бек Вања Смиљаниќ замина од Кавадарци и веќе е промовиран во словенечката екипа Добова. 24-годишникот одигра одлична сезона во Кавадарци и постигна многу голови во регуларниот дел на сезоната и во плеј-аутот, каде Тиквеш беше најдобрата екипа. 

Клубот од Кавадарци деновиве ќе го дефинира планот на подготовки и ќе започне да се екипира за новата сезона. Суперлигата почнува на осми септември, а во првото коло кавадарчани играат против Охрид на гостински терен.