• Зоран Мишевски

Коренини промени направи Еурофарм Пелистер на позицијата лев бек во споредба со минатата сезона. Заминаа Обрадовиќ, Мандалиниќ и Табоада, а до овој момент ново име на оваа позиција е Французинот Руди Сери.
28-годишниот парижанец официјално беше претставен пред медиумите и ги искажа своите импресии од градот и клубот.
„Одлично ми е тука. Добро сум прифатен во градот и во клубот. Градот е прекрасен, веќе гостував тука како противник и сега сум задоволен што ќе живеам во Битола.
За мене ново искуство е тренер кој говори англиски и екипа која комуницира на повеќе јазици во соблекувалната. Напорно работиме, можеби малку повеќе од другите екипи, но имаме многу новајлии и по три недели работа нестрпливо ги чекаме натпреварите.
Пасијата на луѓето по ракометот тука е нешто ново за мене. Еднаш гостував со Бидасоа Ирун во Битола и бев импресиониран од амбиентот во салата. Поинаков е клубот и градот од француските и шпанските, но тука сум да научам и да се привикнам на македонскиот стил“, вели Французинот.
Францускиот лев бек веќе гостуваше во Македонија како противник, откако пред три сезони загуби со Бидасоа Ирун во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.