• Горан Упале

По фудбалскиот клуб, и ракометниот клуб на Вардар се соочува со многу тешка ситуација. Двократниот европски шампион е исфрлен од Лигата на шампионите, а тоа автоматски значи дополнителни финансиски проблеми и драстично намалување на квалитетот на тимот.
Од раководството на Вардар уверуваат дека клубот нема да биде оставен на цедило и нема да си дозволат да им се случи истото сценарио како фудбалскиот клуб. Новонастанатата ситуација со клубот, кој двапати испиша историја во македонскиот ракомет и ја освои Лигата на шампионите, го налути капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Стефан Ристовски.
Десниот бек на Динамо Загреб на социјалните мрежи објави статус во кој се прашува до кога ќе се дозволува најдобрите клубови во Македонија да згаснуваат.
„РК Вардар, ФК Вардар, КК Работнички, РК Кометал…брендови на Македонија? Кој е следен? А да….другите ни се виновни… МОЈА ЖАЛНА МАКЕДОНИЈО“, напиша Ристовски.
Вардар во новата ракометна сезона ќе добие нов тренер и ќе претрпи сериозни промени во играчкиот кадар.