Раул не најде решение за европскиот првак, Барса пак го надигра ѕвездениот ПСЖ

Екипата на Барселона ја продолжува доминацијата против најскапиот ракометен тим на светот, Пари Сен Жермен, откако вечерва ја забележа петтата последователна победа против големиот ривал. Во рамките од петтото коло од ракометната Лига на шампионите, во Каталонија, Раул Гонзалез одново не најде решение за бранителот на титулата и загуби со 30-27 (13-13).

Големото дерби во елитата ги оправда очекувањата на ракометните фанови, затоа што ѕвездените тимови на Барса и ПСЖ одиграа возбудлив натпревар, зачинет со многу пресврти и атрактивни потези. Воведот на мечот им припадна на гостите, но Барса експресно возврати и со серија голови поведе со 5-2. Сепак, момците на Раул Гонзалез не дозволија домаќинот да влезе во посакуваниот ритам и со одлична игра во двата правци одново го презеде водството, додека на одмор се замина со егал резултат, со по тринаесет гола во двете мрежи.

Борбено и возбудливо се играше и во воведните минути од вториот дел, по што следуваше нешто подобра игра на домаќинот и ново водство од три гола разлика (23-20). Францускиот шампион имаше решение и за овој налет на Барса и пред самиот финиш ја врати неизвесноста на натпреварот. Сепак, кога беше најважно европскиот шампион покажа моќ, Гонзало бранеше и невозможно (17 одбрани) и домаќинот заслужено ѝ се радува на победата од 30-27.

Мем со седум гола беше водечка сила на Барса на овој меч, а францускиот ас доби голема поддршка од Нгесан и Фабрегас кои постигнаа по четири. Кај поразениот тим прв стрелец беше Хансен со седум гола, а четири имаа Ремили и Пранди.

Следното шесто коло во Лигата на шампионите се игра следната среда и четврток.