Прилеп парираше 40 минути, но не издржа до крај со Бутел

Екипата на Бутел Скопје го победи Прилеп (25-32) и останува веднаш зад лидерите Вардар и Алкалоид во рамки на групата А во машката ракометна Суперлига пред влезот во плеј-офот на домашната сцена, што значи дека пренесува еден бод.

  • Комплетниот натпревар меѓу Прилеп и Бутел Скопје:

Прилеп на Реваз Чантурија парираше повеќе од едно полувреме, но не издржа да се носи до крајот со поквалитетниот ривал. Имаше 40 минути домашниот тим егал-натпревар, но потоа Бутел влезе во серија и си ја заврши задачата.

Во првиот дел водството беше на страната на гостинот, но не повеќе од еден до два гола. Пред паузата, Прилеп направи пресврт, поведе со 10-8, потоа беше и 12-10, ама избраниците на Грчевски преку Младеновски и Крстевски дојдоа на 13-13 на полувремето. Изедначената игра продолжи и во второто полувреме, се до 20-21. Потоа Бутел влезе во серија, не му претставуваше проблем дури и исклучувањето на Манасков. Беше 20-23, а исчекорот кон победата се направи кога се замина на 21-27.

Крстевски со девет и Јефтиќ со седум гола беа најефикасни кај Бутел Скопје, а Чантурија и Павлов со по шест гола се издвоија кај Прилеп. Во последното коло од групната фаза Бутел Скопје ќе игра против Алкалоид. Прилеп, пак, гостува кај МРК Куманово.