Понуда од Саудиска Арабија ги руши плановите за засилувања на Вардар?

Откако го осигура првото место во групата А на Суперлигата и со тоа ќе пренесе максимални три бода во плеј-офот, првакот Вардар 1961 има за цел да го засили тимот, како би ги одбранил шампионатот и Купот на Македонија и би бил компетитивен во СЕХА лигата. Првиот чекор е направен со потписите со Аларов и Јагуриновски од Пролет, но за шампионатот 2023/24. Сепак, на Недановски му требаат алтернативи веднаш по Светското првенство во Полска и Шведска, а не е лесно да се најдат слободни и адекватни нови имиња за овој Вардар.

Најголемо засилување за вардарци треба да биде враќањето на Анте Гаџа по операцијата на коленото и долгата пауза. Хрватот се повреди во март годинава и минува низ период на рехабилитација. Сепак, неизвесно е дали ќе го облече дресот со црвено-црна боја, бидејќи на негова адреса стигна понуда од Саудиска Арабија. Амбициозен клуб од земјата на „бедиуните“ го посакува средниот бек од Хрватска, кој има договор со Вардар 1961 до крајот на оваа сезона. Понудата е многу поволна и нема да биде изненадување 30-годишникот да ја прифати.

Во таков случај Вардар 1961 ќе се соочи со уште еден голем проблем, бидејќи Карапалевски и Добрковиќ се единствени средни бекови скоро цела полусезона. 

На цена се уште неколку вардарци, но интенција на клубот е сите актуелни ракометари да останат до крајот на сезоната во обид да се остварат клупските цели.