Младеновски верен на Бутел, потпиша нов двегодишен договор

Еден од ракометарите со најдолг стаж во редовите на Бутел Скопје, Јовица Младеновски одново ја покажа својата верност кон клубот. 

Искусниот лев бек ја прифати понудата на раководството на клубот и се обврза на нов двегодишен договор со амбициозните бутелци. По потпишувањето на новата соработка тој не го криеше задоволството што останува дел од оваа приказна. 

„Го продолживме договорот со Бутел Скопје на уште две години. Задоволен сум од досегашниот ангажман и времето поминато во Бутел и не гледам причина да не остане така и во иднина. Бутел е клуб што има високи амбиции и од година во година напредува во секој поглед. Задоволство е да се биде дел од еден ваков колектив каде што другарството е пред се. Во наредната сезона се надевам на остварување на што подобар пласман и место и во Европа“, вели Младеновски.

Бутел во текот на летото ќе се раздели со неколку ракометари, а досега го договори само одличниот хрватски бек Денис Тот, кој дојде од редовите на Охрид.