Манасков со гол се врати на терените во триумфот на Веспрем над Алборг

Ракометарите на Веспрем славеа во првиот четврфинален натпревар во Лигата на шампионите, против Алборг со 36-29 (17-16). На средбата во малиот унгарски град, кам-бек на ракометните терени имаше македонскиот репрезентативец Дејан Манасков кој даде и еден гол.

Натпреварот тргна со игра гол за гол, екипите се надигруваа и се држеше егал. Унгарците на резултат 7-7 направија серија од 4-0 и дојдоа до предност против ривалот, но и данските ракометари се вратија во игра. До полувремето одново се играше изедначено и Веспрем на пауза замина со 17-16. Вториот дел тргна со серија од 7-2 и домаќинот се одлепи. Алборг се обидуваше да се врати во игра, пријде најблизу на четири гола негатива, но тоа беше сè од нив на натпреварот.

Македонскиот репрезентативец, Дејан Манасков на своето враќање на терените стрелаше првпат во 37. минута, а имаше и уште еден обид кој не го искористи. 

Гаспер Маргуч беше најдобар стрелец на натпреварот со седум реализации, додека Јул Ласен од Алборг даде шест.