Лудо реми на Монпелје и ПИК Сегед, Кил лесно се справи со Мешков Брест

Покрај големите возбудувања во Норвешка, каде Вардар пропушти голема шанса да слави над Елверум, стартот на новата Лигата на шампиони беше одбележан и по лудиот натпревар во Франција, каде Монпелје и ПИК Сегед одиграа без победник, со резултат од 29-29.

Двете екипи си поделија по едно полувреме. Шампионот на Унгарија беше подобар и поуспешен во првиот дел и на пауза замина со предност од еден гол (14-15), но во вториот дел Монпелје возврати идентично и не дозволи изненадување уште на стартот во групата А.

За разлика од францускиот вицешампион, германскиот гигант Кил беше сигурен на гости кај Мешков Брест и заслужено извојува победа од 30-33. Бундеслигашот го контролираше натпреварот во текот на сите 60 минути и речиси во ниту еден момент не му дозволи на домаќинот резултатски да се доближи, а најзаслужени затоа беа Екберг кој постигна 11 гола, а шест имаше Сагосен.

Кај белорускиот тим се истакнаа Кашпарек, Валупов и Скубе со по шест гола, а четири имаше Шумак.