Киелце на погонот на Душебаев се враќа со голема победа од Франција во ЛШ

Екипата на Киелце во вистинско време и на вистински начин му се одмазди на Монпелје за трите последователни порази во меѓусебните дуели и во првиот четвртфинален дуел од Лигата на шампионите, среде Франција, славеше рутинска победа од 28-31, со која е поблиску до ново учество на завршницата во Келн.

Ракометарите на полскиот гигант не дозволија пеколната атмосфера на трибините да влијае на нивната игра и во првиот дел прикажаа одлична игра против мотивираниот домаќин и на крилата на Алекс Душебаев на пауза заминаа со позитива од четири гола.

Сепак, во вториот дел Монпелје успеа да го сопре налетот на противникот и влезе во посакуваниот ритам. Тоа донесе израмнета игра, многу борба на паркетот и намалување на негативата на францускиот тим на само еден гол. Полскиот гигант имаше одговори и за тоа и со моќна завршница се избори за голема победа од три гола разлика.

Алекс Душебаев со седум и Каралек и Кулеш со по четири гола беа најпрецизни во таборот на Киелце, додека за домашниот тим прв стрелец беше Деска со пет погодоци.