Кавадарчани го претставија Магдинчев и најавија пет засилувања овој месец

Амбициозниот суперлигаш ГРК Тиквеш 2014 ги потврди најавите на Gol.mk и го назначи Ристо Магдинчев за свој нов тренер и наследник на Горан Андоноски. Кавадарчани најавија и засилувања, враќање на фановите на трибините и големи очекувања од новата сезона, која почнува на осми септември.

„Борбата за опстанок во натпреварувачката сезона 2020/21 година беше со интензивен карактер, во кој ГРК Тиквеш 2014 го покажа својот квалитет како успешен проект и тим кој знае да победува и да биде дел од елитното ракометно друштво. Новата сезона со себе носи нови предизвици, но клубот со полна пареа работи и се среми кон новите предизвици и победи особено на домашен терен пред полна сала „Јасмин“ со целиот нејзин сјај и капацитет“, се вели во клупското соопштение.

На 29 јули искусниот тренер Ристо Магдинчев ќе го одржи првиот тренинг и состанок, на кои ќе се појават играчите од претходната натпреварувачка сезона, но и пет нови ракометни имиња. 

„Уште претходната година имав позитивно мислење за целокупниот проект на ГРК Тиквеш 2014. Екипата има квалитетни поединци кои ги задржа и оваа година. Сметам дека станува збор за стабилен клуб во секој поглед. Од екипата очекувам максимална ангажираност, професионалност, дисциплина и фанатична борбеност'', рече Ристо Магдинчев.

Кавадарчани веќе закажа планински припреми и потврдија присуство на два турнири - во Струга и турнирот во Прилеп.