Еурофарм Пелистер 2 изби пред Тиквеш на суперлигашката табела

Екипата на Еурофарм Пелистер 2 одигра доминантен натпревар и победи на гостувањето кај Радовиш (24-35) во рамки на 13-тата рунда во ракометната Суперлига, со што изби пред Тиквеш на третата позиција.

  • Комплетниот натпревар меѓу Радовиш и Еурофарм Пелистер 2:

Битолчани доминираа од почетокот до крајот и заслужено ги однесоа бодовите од Радовиш. По петнаестина минути егал-игра (7-8), избраниците на Александар Јовиќ фатија ритам и ја прокнижија посакуваната победа со која станаа третиот тим во суперлигашката табела.

Концепцијата на Радовиш се распадна кога битолчани најпрво од 7-8, заминаа на 7-10, а потоа зедоа поголем замав и поведоа со седум гола позитива (10-17). По паузата, Радовиш ја преполови негативата, дојде на минус од четири погодоци, ама ниту еднаш не беше закана дека може да ја расипе забавата на Еурофарм Пелистер 2 во салата „25-ти Мај“.

Павле Петровиќ имаше одличен натпревар со девет гола, пред Петар Атанасијевиќ со седум, додека Дејан Кукуловски стрела шест пати. Кај Радовиш, Здравко Постолов реализира седум пати, а Јакша Вјештица имаше пет гола. Еурофарм Пелистер 2 во следното суперлигашко коло кое е последно пред паузата игра против Јуниор. Радовиш, пак, гостува кај тимот на Скопје.

Ракомет
Суперлига
Група Б
13. коло

Радовиш – Еурофарм Пелистер 2 24-35 (12-18)

Спортска сала „24 мај“ - Радовиш
Гледачи: 200
Судии: Сашо Кркачев и Ѓоко Колевски

Радовиш:
Паунов, Костадинов, Марков 1, Јорданов 1, Долдуров 3, С. Ѓорѓиев 1, Постолов 7, К. Ѓорѓиев, Органџиев 3, Ончев, Вјештица 5, Чапов, Трајанов, Атанасов 1, Трајчевски 2, Костадиновски
Седмерци: 2/2
Исклучувања: 10 минути

Еурофарм Пелистер 2:
Јовновски, Печурица, Ристевски, Кукуловски 6, Митревски 2, Мирчевски 1, Димовски, Димитровски 1, Талевски 1, Петровиќ 9, Пет. Атанасијевиќ 7, Ивановски 3, Буторац, Белистојановски 3, Блажевски, Арсеновски 2
Седмерци: 5/3
Исклучувања: 10 минути