Дибиров: Не можев да се замислам во друг дрес и друг клуб!

Крилото Тимур Дибиров останува во Вардар 1961 и следната сезона. Иако претходно најави заминување, Русинот, сепак, успеа да се договори со управата на македонскиот првак и стави потпис на нова едногодишна соработка.

По новиот договор со кој Дибиров ќе ја игра десеттата сезона во дресот на македонскиот тим, крилото истакна дека не можел да се замисли да игра во друг дрес и во друг клуб на залезот на кариерата.

„Среќен сум што отанувам во Вардар. Не можам да се замислам во друг дрес и друг клуб. Им благодарам на сите за поддршката што ми ја даваат. Со клубот се договоривме за продолжување на соработката и заедно да постигнуваме резултати како и досега“, изјави Дибиров.

Левото крило дојде во Вардар во 2013 година и оттогаш има освоено седум шампионски титули и седум куп титули. Покрај тоа со Вардар трипати го освои Суперкупот на Македонија, четирипати беше победник на СЕХА лигата и двапати беше европски првак.