Десподовска: Слатките ми се слабост, учам за здрава исхрана додека е пауза

Македонската ракометарка, Зорица Десподовска со Гмини Кобижице по прекинот на сезоната го освои бронзениот медал и третото место на табелата во полската Суперлига, што претставува најголем успех во историјата на клубот. Таа неодамна го продолжи договорот со својот тим, во кој одигра неполна сезона по трансферот од Пјотрковиа.

28-годишната Македонка во разговор за Gol.mk зборуваше за амбициите на екипата во наредната сезона. Таа нагласи дека конкуренцијата ќе биде посилна, но со напорна работа верува дека може да се дојде до успех.

„Оваа сезона вложивме доста напор и го освоивме првиот историски медал за Кобижице. Штета што поради вирусот сезоната заврши и сè уште немаме шанса да прославиме сите заедно. Го продолжив договорот и се надевам дека ќе успееме барем да го повториме успехот и следната сезона. Тоа нема да биде воопшто лесно, бидејќи противниците се засилија и лигата ќе биде уште понеизвесна ама веќе сме на добар пат и сме желни за што подобар резултат“, започна Зорица. 

Сезоната во полскиот шампионат е готова, но Десподовска најави дека таа и нејзиниот тим напорно работат со интензивни тренинзи, обидувајќи се колку што е можно да се задржи формата за идната сезона. 

„Овој период не можам да го наречам дека е период без спорт. Немаме натпревари, ама тоа го надоместуваме со поинтензивни инвидуални тренинзи како и тактички и психолошки видео разговори. Се трудиме времето да го искористиме максимално“, ни кажа ракометарката.

Иако периодов ни кажа дека е презафатена со тренинзи, Зорица сепак најде ново хоби и пасија во животот. Таа е решена во намерата да се развие на полето нутрицуонизам, каде веќе посетува курс, а на социјалните мрежи споделува рецепти од здрави оброци.

„И покрај тоа имам слободно време и сакам да се развивам, па се посветив на здрава исхрана. Моментално работам на курс за нутриционизам и во меѓувреме тестирам здрави рецепти. Отсекогаш слатките работи ми биле слаба страна и се трудам да создадам рецепти и вид на здрава исхрана која ќе биде вкусна и ќе претставува вистинско задоволство. Се надевам за некое време ќе имам круг на луѓе кои ќе ме следат и ќе можам да им бидам од помош“, заврши Десподовска. 

Поранешната репрезентативка на Македонија до пред неколку години беше стандардна во настапите во сениорскиот тим. Десподовска неколку сезони настапува и престојува во Полска, па така и во наредната сезона ќе продолжи да ги брани боите на Кобижице.