• Иван Димовски

Екипата на Вардар 1961 ќе се судри со Еурофарм Пелистер 2 во рамките на полуфиналето во Купот на Македонија. На завршниот турнир, бранителот на тронот е веројатно и главен фаворит.
Предводникот на „црвено-црните“, Давид Дејвис Камара најави дека неговите избраници ќе го нападнат трофејот.
„Имаме ист притисок како и во натпреварите во лигата. Вардар секогаш игра на победа. Ние го сакаме и трофејот од Купот, подготвени сме. Играме добра одбрана секој ден и тренираме напорно. Купот е друго натпреварување, тука нема поправен. Има само еден натпревар и треба да се биде максимално подготвен.
Имавме цела седмица за тренирање. Игравме веќе со Еурофарм Пелистер 2, но добро е што можеме и да продолжиме да тренираме пред овие натпревари и да подобриме нешто во играта. Играње на неутрален терен секако е поразлично. Не секогаш во Купот победува тој што е фаворит. Затоа и треба да се биде внимателен, концентриран... Сакам да играме финале во недела, не е важно против кого ќе играме", изјави Дејвис
Завршницата е закажана за во Кавадарци, полуфиналните натпревари во машка конкуренција се утре, а финалето се игра в недела.