Бошковски го надмудри Симовски, Пролет слави во градското дерби кај Скопје

Ракометарите на Тинекс Пролет победија и на вториот настап во новата сезона од Суперлигата. Денес тимот предводен од Андон Бошковски славеше во градското дерби со Скопје 2020 (29-33).

  • Комплетниот натпревар меѓу Скопје 2020 и Пролет: 

Домаќинот одново не успеа да запише победа, откако на стартот беше декласиран од Вардар 1961. Првото полувреме донесе неизвесна борба и минимална предност за гостите. Тие беа за нијанса подобри од ривалот и заминаа на пауза со позитива од 16-17.

Пролет се погрижи да направи разликата пред завршницата. Секој обид на Скопје беше одбиен, а помогнаа и техничките грешки на младиот ростер на домашната екипа. Гостинската одбрана заигра подобро во вистински моменти и обезбеди убаво водство, кое ја покажа разликата во квалитет меѓу двата тима.

Симе Симовски немаше решение за поискусниот ривал. На крај мораше да го прифати вториот сезонски пораз, прв на домашен терен. Ѓорѓе Голубовиќ со седум гола беше најефикасен кај гостите, а девет погодоци за домашниот тим запиша Леонид Киселовски.