Барса со славје кај Флензбург тргна во одбрана на тронот во ЛШ

Европскиот првак Барселона со триумф го започна патот кон одбрана на тронот во Лигата на шампионите, откако победи на тешкото гостување кај Флензбург во Германија со 21-25 (10-13). 

Пресметката против бундеслигашот не беше лесна за каталонскиот тим, како и секое гостување во Германија во Лигата на шампионите. Иако Барса тргна добро и поведе со 4-1, домаќинот се врати до егал и 5-5. Шпанците пак одговорија добро, па до полувремето поведоа со највисоки плус четири, а на пауза заминаа со 13-10. 

Пех за шампионот беше повредата на Лука Циндриќ, кој беше повлечен од игра рано. Сепак, Барселона одржуваше предност, Флензбург приоѓаше на по гол дефицит, ама немаше сили за повеќе. Во завршницата гостите се разиграа и ја кренаа маргината, па дојдоа и до пет гола предност, за на крајот да слават со 25-21. 

Дика Мем беше најпрецизен на теренот, со седум реализации. По шест пати погодуваа Мелвин Ричардсон, Хампус Ване и Менсинг.