Атанасијевиќ го разби Бутел, прва победа сезонава за младите пелистерци

Во изедначен и високо квалитетен дуел за македонски услови, Еурофарм Пелистер 2 го совлада Бутел Скопје со 30-27 (17-15) и ја запиша првата радост во второто коло на Суперлигата.

  • Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Бутел: 

Дуелот започна изедначено, но одличниот Чаневски на голот и искусниот Мојсоски од крилна позиција први го одлепија Бутел (4-6). Јовиќ ја стабилизира одбраната, бековската линија, Арсеновски и Ѓукиќ се разиграа и во 22. минута битолчани го свртеа резултатот. При 14-11 Грчевски повика минута одмор да го смири својот нервозен тим. Во финиш со голови од двете страни, Мајиќ погоди од тешка позиција на пет секунди до одморот за намалување на резултатот на 17-15. 

Пуљизовиќ и Мојоски одлично отворија во вториот дел и Бутел стигна до израмнување. Но, тогаш на сцена стапија кадетските репрезентатативци Павле Атанасијевиќ и Емилијан Ѓоргоски и во 42. минута пелистерци поведоа со 24-20. Следеше серија на грешки на момците на Јовиќ, Бутел постигна четири неодговорени гола и на 24-24 домашниот стручен штаб повика минута одмор. Павле Атанасијевиќ ги презеде работите во свои раце и домаќинот поведе со +2 на шест минути до крајот. 

Гостите немаа решение за одбраната на Јовиќ, а Павле Атанасијевиќ и Цветан Кузманоски го зададоа последниот удар за победа од 30-27.

Најефикасни кај Еурофарм Пелистер 2 беа Павле Атанасијевиќ со седум и Цветан Кузманоски и Милан Ѓукиќ со по шест гола, а во тимот на Бутел блесна Мојсоски со десет погодоци. За време на викендот се игра третото коло. Еурофарм Пелистер 2 в недела гостува кај Металург, додека ден претходно Бутел ќе го пречека ГРК Тиквеш.

Ракомет – Суперлига (второ коло)
Еурофарм Пелистер 2 – Бутел Скопје 30-27 (17-15)

Спортска сала „Боро Чурлевски“ - Битола
Гледачи: 800
Судии: Славе Николов и Ѓорѓи Начевски (Скопје)

Еурофарм Пелистер 2:
Ристевски, Трајкоски, Кузманоски 6, Петкоски, Пав. Атанасијевиќ 7, В. Димитровски 1, Митревски, Мирчевски, Петровиќ 2, Димитриоски 2, Талевски, Пет. Атанасијевиќ, Ѓорѓоски 4, Ѓукиќ 6, Блажевски, Арсеновски 2
Седмерци: 4/4
Исклучувања: 6 минути

Бутел Скопје:
Андреевски, Чаневски, Младеновски, Стојановски, Ѓеорѓиевски 1, Митев, Бој. Спасовски, Мојсоски 10, Бој. Спасовски, Блажевски, Јефтиќ 4, Василевски, Мајиќ 5, Тот 5, Давитковски, Пуљизовиќ 2 
Седмерци: 4/4
Исклучувања: 10 минути