Алкалоид го испоти шампионот, Вардар на „мускули“ до триумф!

Ракометарите на Вардар 1961 со доста потешкотии го совладаа новајлијата во Суперлигата, Алкалоид, со 28-25 (12-13). „Црвено-црните“ имаа добри и лоши периоди во натпреварот против младиот состав кој го води Кирил Лазаров, меѓутоа искуството пресуди и домаќините се радуваа во СЦ „Јане Сандански“. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Алкалоид: 

Пресметката во Скопје тргна со минута молк и екипите му оддадоа почит на починатиот Андон Бошковски. Стартот на дуелот му припадна на поискусниот и поквалитетен ривал. Мартин Томовски ја направи почетната разлика, врза неколку одбрани и вардарци во неколку наврати имаа по три гола предност. 

Сепак, беа досудени неколку исклучувања за „црвено-црните“, а тоа го искористи Алкалоид да се врати до егал. Во завршните минути на полувремето се влезе со неизвесен резултат, а играта понуди и атракција на Дејан Манасков кој даде гол од зад грб. Гостите реализираа на 20 секунди пред крајот и му оставија време на Вардар за напад. Иако Недановски свика тајм-аут, Трајковски му одбрани зицер на Стоилов и гостите фрлија контра која беше реализирана за 12-13, резултат со кој се замина на одмор. Одлично полувреме имаше голманот Благојче Трајковски со осум интервенции, додека Томовски на спротивната страна запре на четири. 

Вториот дел продолжи во добро темпо, Алкалоид беше и натаму рамноправен, а домаќинот тежнееше кон тоа да се одлепи. По десетина минути изедначено надигрување, Вардар го направи потребниот исчекор. Томовски пак врза серија одбрани, од кои една двојна, а на спротивната страна погодуваа Манасков и Талески за прва предност од четири гола (21-17). Тоа го натера Кирил Лазаров да повика тајм-аут, а на него успеа да ги разбуди своите играчи. Алкалоид заигра како по ноти, направи серија од 5-0 и пресврт (21-22), а во последните десет минути од натпреварот се влезе со егал. 

Алкалоид успеа да дојде до два гола предност, меѓутоа истата не беше искористена и материјализирана бидејќи со грешки во нападот му дозволија на Вардар пак да дојде до израмнување (25-25). Со човек помалку и испланирана акција на тајм-аутот на Лазаров, Алкалоид не успеа да погоди, па Манасков погоди на празна мрежа за водство. И следната акција на гостите не резултираше со гол, бидејќи Томовски му одбрани пенал на Петковски. Вардарци на спротивната страна од втор обид дојдоа до предност од два гола преку Филип Талески. Следеше нова техничка грешка на Игор Ѓорѓиев, а тоа шампионот го казни со гол на Стоилов за финални 28-25.

Одлични беа голманите на двете страни, Благојче Трајковски собра тринаесет интервенции, додека Мартин Томовски имаше една помалку. Дејан Манасков ги предводеше стрелците со осум, додека на шест погодоци запре Талески, а кај Алкалоид шест гола даде Стојковиќ.