Ковачовска и Секулов нови кадетски шампион во пинг-понг

По долга пауза, во изминатите два дена во Крушево беа одржани завршните турнири (Топ 8) во националното пинг-понгарско првенство во конкуренција на кадети и јуниори.

Ако кај јуниорите немаше изненадувања, односно Ана Стојановска од ППК Крива Паланка и Теодор Волкановски од ППК Крушево повторно ги освоија првите места, кај кадетите беше доста понеизвесно. Борис Секулов од ППК Астраион од Струмица беше најдобар, додека државниот првак Лука Стојчев беше четвртопласиран. Кај кадетките најдобра беше Изабела Ковачовска од ППК Зегин Берово. 

Топ 8 турнирите беа последен тест за место во кадетската и јуниорската репрезентација. Кадетите и јуниорите од 23 јуни ќе нè претставуваат на Балканското првенство во Албена, Бугарија и на Европското првенство во Вараждин во Хрватска од 18 јули до 2 август.

Сениорската репрезентација моментално се наоѓа во Варшава, Полска каде што ќе учествува на Европското првенство во поединечна конкуренција.