Стојанова: Македонија гордо направи чекор напред во женската одбојка

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија повторно е активна и заигра на меѓународната сцена. Девојките се дел од Медитеранските игри во Алжир, а на стартот се доживеа пораз од Египет (3-1 резултат, 25-20, 11-25, 25-19, 25-23) во меч во кој нашите одбојкарки беа рамноправни ривали.

Втор стрелец кај Македонија на оваа средба беше Тамара Стојанова. Капитенката на Работнички заврши со 14 поени, а по натпреварот кажа дека е горда како нашиот национален тим одиграл на првиот меѓународен меч по долго време.

„Посебно сум горда на девојките за одиграниот натпревар, иако многу лошо влеговме во дуелот со негатива од 13-1, сепак, успеавме да се вратиме и тоа беше најава за вториот сет кој убедливо го добивме. Во завршницата на третиот и четвртиот сет загубивме концентрација и резултатот се сврте во полза на противничката екипа. Знаеме каде ни се грешките, следен дуел ни е против Тунис и верувам дека ќе влеземе со поголем фокус и со шанси за прва победа. 

После долго време, женската одбојкарска репрезентација се врати на меѓународната сцена и претставува вистинска чест и задоволство да се носи дресот на Македонија. Ова е добар чекор за почеток на една успешна приказна. Се надевам на што повеќе настапи и успеси во иднина“, ни изјави Стојанова.

Девојките кои се предводени од Пауновиќ, Петровски и Каленикова на овие Медитерански игри нема да имаат многу време за одмор, затоа што мечот против Тунис е закажан утре (понеделник).