Србија пресилна за Австралија, лесни победи и за Италија и Франција

Машката одбојкарска репрезентација на Србија ја совлада Австралија во Софија со 3-0 (25-17, 25-20, 25-22) во четвртиот натпревар од втората недела од Лигата на нации.

Српските одбојкари лесно го скршија отпорот на ривалот. Во сите три сета фаворизирана селекција доминираше и лесно стигна до максималната победа против Австралија. Натпреварот траеше само 69 ​​минути. Најефикасен во српскиот тим беше Александар Атанасијевиќ со 15 поени, а Миран Кујунџиќ освои 13 поени. Кај поразениот тим најдобар беше Лоренцо Поуп со 15 поени.

Утрово во четири сета Јапонија ја изненади Словенија, а лидерот Франција беше поуспешен од Германија. Второпласираната селекција на Италија без загубен сет ја надигра Кина (25-21, 25-18, 25-19).

Пласман на завршниот турнир од Лигата на нации ќе обезбедат осумте најдобро пласирани селекции. Завршниот турнир е на програмата од 20 до 24 јули во Болоња.