Молк во Софија: „Кенгурите“ ја совладаа Бугарија во ЛН

Одбојкарската репрезентација на Австралија беше закована на дното без ниедна победа по пет кола, но нема веќе екипи без триумф, откако „Кенгурите“ славеа над Бугарија и тоа во Софија со 3-2 во сетови (21-25, 25-13, 25-22, 20-25, 17-15).

Австралијците важеа за големи аутсајдери пред натпреварот поради фактот дека оваа сезона не знаеја за успех, а лани успеаја да го победат само Иран. Сепак, покажаа одличен меч против фаворизираните Бугари и славеа во тај-брејкот. Поуп го заврши дуелот со 21 поен, пред Ваер со 15 поени, додека Грахам имаше 13 поени, а кај Бугарите, Гоцев и Николов реализираа по 17 поени, а Атанасов финишира на 11 поени.

На останатите натпревари Бразил го доби Иран со 3-0 (30-28, 25-23, 25-19), Јапонија ја изненади Италија со 3-2 (25-20, 21-25, 24-26, 25-19, 15-13), Србија се врати од два сета дефицит и јуначки ја победи Канада (20-25, 19-25, 25-20, 26-24, 15-11), Аргентина беше подобра од Чиле 3-1 (25-22, 22-25, 25-22, 25-22), додека Холандија ја надигра Германија со 1-3 (25-22, 29-31, 23-25, 16-25).