Младата одбојкарска селекција ги дозна ривалите за ЕП во Скопје

Македонската одбојка влегува во нов период и во контекст на женската репрезентација. По вообичаените учества на Балканските првенства, летово границите ќе бидат проширени на континентално и на медитеранско рамниште, како дел од концептот за формирање сениорска репрезентација.

Девојките до 19 години, предводени од новиот селектор, српскиот стратег Стефан Пауновиќ, од 27 август до 5 септември, ќе учествуваат на Европското првенство, чиј домаќин ќе биде Македонија, а комбинираниот сениорски тим, во којшто веројатно ќе бидат и некои репрезентативки од јуниорскиот состав, ќе настапи на Медитеранските игри во Алжир на крајот на јуни и на почетокот на јули.

Во седиштето на ЦЕВ денес беа одредени групите за Европското првенство за одбојкарки до 19 години. Во групата А, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, македонскиот тим ќе се натпреварува со Полска, Италија, Словенија, со Грција и со најдобриот од квалификациската група К, во која Црна Гора ќе ги пречека Франција, Финска и Австрија. Во групата Б,во Арената „Јане Сандански“, за првите две места ќе се надигруваат Турција, Србија, Хрватска, Романија, Швајцарија и најдобриот од квалификациската група Ј, која ќе биде филтер за Холандија, за Словачка, за Шпанија и за Естонија.