„Кариоките“ убедливи со Србија во одбојкарската Лига на нации

Одбојкарската репрезентација на Бразил ја прекина кризата во Лигата на нациите, со убедлива победа над Србија.

„Кариоките“ го надиграа нашиот северен сосед, совладувајќи го со 3-0 во сетови (25-18, 26-24, 25-17). Србите беа најблиску да се вратат во игра во вториот сет, но потфрлија во клучните моменти во играта на мрежа.

Најдобар кај победникот беше Лукарели со 14 поени, пред Алан со 13 и Леал со 11, додека кај Србите, Мељанац имаше 14, пред Катиќ со седум и Периќ со шест постигнати поени.

На останатите натпревари Словенија беше подобра од Аргентина со 3-1 (25-20, 27-29, 25-18, 25-17), Полска ја надигра Канада со 3-0 (25-16, 25-18, 25-16), додека Германците службено го загубија натпреварот против Кина со 0-3 откако одбија да играат поради позитивни ковид-случаи кај ривалот.