Деспотовски: Првите контролни ќе дадат јасна слика за квалитетите на оваа Македонија

Одбојкарската репрезентација на Македонија доби нов селектор во името на српскиот тренер Ратко Павличевиќ, а првиот предизвик за него ќе биде настапот во Сребрената Европска лига каде нацијата посакува титула.

Македонија веќе осум дена се подготвува во Маврово, а Филип Деспотовски истакна дека се тренира напорно и посветено и дека првите контролни натпревари ќе дадат појасна слика од квалитетите на оваа подмладена Македонија.

 „Подготовките се одвиваат во најдобар ред, иако сме подмладени. Но, сите тренираат добро и придонесот на помладите е значаен за да се подготвиме добро за нашата цел, а тоа е повторно да бидеме во врвот на Сребрената Европска лига. Првите контроли ќе ни покажат како да ја дополниме формата, односно кои ситници треба да ги поправиме“, рече средниот блокер.

Во Сребрената Европска лига Македонија е во група со Босна и Херцеговина, со Албанија и со Романија. Првите две селекции ќе обезбедат пласман на завршниот турнир во Будимпешта, а уште отсега е јасно дека таму ќе сервираат Унгарија и Финска како единствени селекции во другата група по откажувањето на Азербејџан.